Адвентистите на седмиот ден Библијата во целост ја прифаќаат како единствено мерило за својата вера. Верувањата што во скратена форма се изнесени овде, тие ги сметаат за суштина на учењето на Светото писмо. Овие верувања ја сочинуваат срцевината на црковното учење на Христијанската адвентистичка црква низ целиот свет.

По секое од 28-те верувања наведени се библиските стихови врз основа на кои тоа се базира.

1.
2.
3.
4.
5.
6.
7.
8.
9.
10.
11.
12.
13.
14.
15.
16.
17.
18.
19.
20.
21.
22.
23.
24.
25.
26.
27.
28.

 

1. Светото писмо

Светото писмо, Стариот и Новиот завет, е напишана Божја реч, дадена со божествено вдахновение преку Божји свети луѓе кои зборувале и пишувале инспирирани од Светиот Дух. Во Божјата реч Бог на човекот му доверил знаење неопходно за спасение. Светото писмо е непогрешно откровение на Божјата волја. Тоа е мерило на карактерот, проверка на искуството, авторитетен толкувач на доктрината и веродостоен извештај за Божјите дела во историјата. (2.Петрово 1,20.21; 2.Тимотеј 3,16.17; Псалм 119,105; Мудри изреки 30,5.6; Исаија 8,20; Јован 17,17; 1.Солуњаните 2,13; Евреите 4,12)

 

2. Тројството

Постои еден Бог: Отец, Син и Свети Дух, единство на три лица со иста вечност. Бог е бесмртен, семоќен, сезнаен, над се и сеприсутен. Тој е бесконечен и ја надминува човечката моќ на сфаќање, но сепак познат преку своите откровенија за себеси. Тој е вечно достоен сите созданија да го почитуваат, обожуваат и да му служат. (5.Мојсеева 6,4; Матеј 28,19; 2.Коринќаните 13,14; Ефесјаните 4,4-6; 1.Петрово 1,2; 1.Тимотеј 1,17; Откровение 14,7)

 

3. Бог Отецот

Вечниот Бог Отец е творец, извор, одржувач и владетел на целокупната вселена. Тој е праведен и свет, милостив и полн со милосрдие, бавно се гневи и обилен е со непоколеблива љубов и верност. Особините и силата што се покажале кај Синот и кај Светиот Дух исто така се откровение на Отецот. (1.Мојсеева 1,1; Откровение 4,11; 1.Коринќаните 15,28; Јован 3,16; 1.Јованово 4,8; 1.Тимотеј 1,17; 2.Мојсеева 34,6.7; Јован 14,9)

 

4. Бог Синот

Вечниот Бог Син се воплотил во Исуса Христа. Преку него е создадено се, откриен е Божјиот карактер, извршено е спасение на човечкиот род и суд на светот. Вистинскиот вечен Бог станал и вистински човек, Исус Христос. Зачнат е од Светиот Дух и роден од девица Марија. Живеел и ги искусил искушенијата како човечко суштество, но со својот совршен пример ја прикажал Божјата праведност и љубов. Преку своите чуда Тој ја открил Божјата сила и се потврдил како ветен Месија. Доброволно страдал и умрел на крст за нашите гревови и наместо нас; воскреснал од мртвите и се вознел на небото за да врши служба за нас во небесното Светилиште. Тој ќе дојде пак во слава конечно да го ослободи својот народ и да обнови се. (Јован 1,1-3.14; Колошаните 1,15-19; Јован 10,30; 14,9; Римјаните 6,23; 2.Коринќаните 5,17-19; Јован 5,22; Лука 1,35; Филипјаните 2,5-11; Евреите 2,9-18; 1.Коринќаните 15,3.4; Евреите 8,1.2; Јован 14,1-3)

 

5. Бог Светиот Дух

Вечниот Бог Свети Дух бил активен со Отецот и Синот при создавањето, воплотувањето и откупувањето. Тој ги инспирирал писателите на Библијата. Тој Христовиот живот го исполнувал со сила. Светиот Дух ги привлекува и ги осведочува луѓето, а оние што ќе го прифатат Неговиот повик, ги обновува и ги преобразува во Божји лик. Испратен од Отецот и Синот постојано да биде со нас, Тој и дава духовни дарови на Црквата, ја ополномоштува да сведочи за Христа и, сообразно со Писмото, ја воведува во секоја вистина. (1.Мојсеева 1,1.2; Лука 1,35; 4,18; Дела 10,38; 2.Петрово 1,21; 2.Коринќаните 3,18; Ефесјаните 4,11.12; Дела 1,8; Јован 14,16-18.26; 15,26.27; 16,7-13)

 

6. Создавањето

Бог е творец. Тој создал се и во Светото писмо објавил автентичен извештај за својата творечка дејност. За шест дена Господ ги создал “небото и Земјата” и сите суштества на Земјата, и починал во седмиот ден на таа прва седмица. Со тоа Тој саботниот ден го воспоставил како траен споменик на своето творештво. Првиот човек и првата жена биле создадени според Божјиот лик, како круна на делото на создавањето. На човекот му е дадена власт над светот, но и одговорност да се грижи за него. Кога создавањето на светот било завршено, светот бил “мошне добар” и подготвен да ја објавува Божјата слава. (1.Мојсеева 1,2; 2.Мојсеева 20,8-11; Псалм 19,1-6; 33,6.9; 104; Евреите 11,3)

 

7. Природата на човекот

Мажот и жената биле создадени според Божјиот лик, со индивидуалност, со можност и слобода на мислење и дејствување. Иако се создадени како независни суштества, секој човек е неделива целост од тело, дух и душа, која зависи од Бога за својот живот, за дишењето и за се друго. Кога нашите први родители му откажале послушност на Бога, тие ја откажале и својата зависност од него, со што ја загубиле својата висока положба пред него. Со тоа кај нив е нарушен Божјиот лик и тие станале подложни на грев. Нивните потомци учествуваат во таа падната природа и во нејзините последици. Се раѓаат со слабости и склоности кон зло. Меѓутоа, Бог во Христа го помирил светот со себе и со својот Дух ги обновува смртниците кои се каат, враќајќи им го ликот на нивниот Творец. Создадени на слава на Бога, тие се повикани да го сакаат Бога, да се сакаат едни со други и да се грижат за својата животна средина. (1.Мојсеева 1,26-28; 2,7; Псалм 8,4-8; Дела 17,24-28; 1.Мојсеева 3; Псалм 51,5; Римјаните 5,12-17; 2.Коринќаните 5,19.20; Псалм 51,10; 1.Јованово 4,7.8.11.20; 1.Мојсеева 2,15)

 

8. Големата борба

Целиот човечки род е опфатен со големата борба меѓу Христа и сатаната, судир што се води околу Божјиот карактер, околу неговиот закон и неговото владеење со вселената. Овој судир избувнал на небото кога едно создадено суштество, надарено со слобода да бира, се возгордеало и станало сатана, Божји противник, и повело во бунт дел од ангелите. Истиот бунтовнички дух сатаната го пренел на овој свет кога ги вовлекол Адам и Ева во грев. Тој грев на човекот го изопачил Божјиот лик кај човечкиот род, внел безредие во создадениот свет и конечно предизвикал негово уништување со сеопшт потоп. Пред очите на целата вселена овој свет станал арена на сеопфатен судир од кој Бог конечно ќе излезе оправдан и потврден како Бог полн со љубов. За да му помогне на својот народ во тој судир, Христос го праќа Светиот Дух и своите предани ангели да го водат, штитат и поддржуваат на патот на спасението. (Откровение 12,4-9; Исаија 14,12-14; Езекил 28,12-18; 1.Мојсеева 3; Римјаните 1,19-32; 5,12-21; 8,19-22; 1.Мојсеева 6-8; 2.Петрово 3,6; 1.Коринќаните 4,9; Евреите 1,14)

 

9. Христовиот живот, неговата смрт и воскресение

Во Христовиот живот, проникнат со совршена послушност кон Божјата волја, во неговите страдања, во смртта и воскресението, Бог го дал единственото средство за исчистување на човечките гревови, така што оние кои со вера ќе го прифатат тоа чистење, ќе можат да имаат вечен живот, и сите создадени суштества ќе можат подобро да ја сфатат бесконечната и света љубов на Творецот. Ова совршено дело на чистење и помирување, ја потврдува праведноста на Божјиот закон и милосрдноста на неговиот карактер, зашто овие две нешта го осудуваат нашиот грев и ни обезбедуваат простување. Христос умрел наместо нас за да ги исчисти нашите гревови, да не помири со Бога и да не преобрази. Христовото воскресение ја објавува Божјата победа над силите на злото, а на оние што го прифаќаат помирувањето им дава цврсто ветување за конечна победа над гревот и смртта. Тоа го објавува достоинството на Господа Исуса Христа пред кого ќе се превитка секое колено и на небото и на земјата. (Јован 3,16; Исаија 53; 1.Петрово 2,21.22; 1.Коринќаните 15,3.4.20-22; 2.Коринќаните 5,14.15.19-21; Римјаните 1,4; 3,25; 4,25; 8,3.4; 1.Јованово 2,2; 4,10; Колошаните 2,15; Филипјаните 2,6-11)

 

10. Спасението како искуство

Иако Христос не знаел за грев, Бог во својата безмерна љубов и милост него го сторил “грев” за нас, за ние во него да станеме Божја праведност. Водени од Светиот Дух, ние стануваме свесни за нашата потреба, ја признаваме нашата грешност, се каеме за нашите престапи и покажуваме вера во Исуса како Господ и Христос, како наша замена и пример. Оваа спасоносна вера се раѓа во нас благодарение на божествената сила на Речта и претставува дар на Божјата благодат. Преку Христа ние сме оправдани, посвоени Божји синови и ќерки и ослободени од власта на гревот. Со Светиот Дух наново сме родени и посветени; Духот го обновува нашиот ум, го запишува Божјиот закон на љубовта во нашето срце и ние добиваме сила да живееме свет живот. Живеејќи во него, ние стануваме учесници во божествената природа и имаме гаранција за спасение сега и на судот. (2.Коринќаните 5,17-21; Јован 3,16; Галатите 1,4; 4,4-7; Тит 3,3-7; Јован 16,8; Галатите 3,13.14; 1.Петрово 2,21.22; Римјаните 10,17; Лука 17,5; Марко 9,23.24; Ефесјаните 2,5-10; Римјаните 3,21-26; Колошаните 1,13.14; Римјаните 8,14-17; Галатите 3,26; Јован 3,3-8; 1.Петрово 1,23; Римјаните 12,2; Евреите 8,7-12; Езекил 36,25-27; 2.Петрово 1,3.4; Римјаните 8,1-4; 5,6-10)

 

11. Растење во христа

Со својата смрт на крстот Исус триумфираше над силите на злото. Тој кој ги покори демонските духови за време на својата земна служба, ја скрши нивната сила и ја запечати нивната судбина. Исусовата победа, додека одиме со Него во мир, радост и сигурност во Неговата љубов, нам ни дава победа над злите сили кои сакаат да не контролираат. Сега Светиот Дух живее во нас и не снажи. Континуирано посветени на Исус како наш Спасител и Господ, ние сме ослободени од бремето на нашите поранешни дела. Не живееме повеќе во темнината, стравот од злите сили, незнаењето и бесмислата на нашиот поранешен начин на живот. Во оваа, нова слобода во Исус, ние сме повикани да растеме во сличност со Неговиот карактер, преку заедница со Него во секојдневна молитва, хранење со Неговиот Збор, размисливање за прочитаното и за Неговото провидение, преку пеење Нему на слава, преку собирање на богослужби и земање учество во мисијата на црквата. Додека се даваме себеси во служба од љубов на оние околу нас и додека сведочиме за Неговото спасение, Неговото постојано присуство со нас преку Духот, го трансформира секој момент и секоја задача во духовно искуство. (Псалам 1,1.2; 23,4; 77,11.12; Колосјаните 1,13.14; 2,6.14.15; Лука 10,17-20; Ефесјаните 5,19.20; 6,12-18; 1 Солунјаните 5,23; 2 Петрово 2,9; 3,18; 2 Коринтјаните 3,17.18; Филипјаните 3,7-14; 1 Солунјаните 5,16-18; Матеј 20,25-28; Јован 20,21; Галатјаните 5,22-25; Римјаните 8,38.39; 1 Јованово 4,4; Евреите 10,25.)

 

 

12. Црквата

Црквата е заедница на верните кои го признаваат Исуса Христа за Господ и Спасител. Како продолжение на Божјиот народ од старозаветниот период, ние сме повикани од светот и се здружуваме во богослужение, во братска заедница, во проучување на Божјата реч, во славење на Господовата вечера, во служење на целото човештво и во објавување на евангелието на цел свет. Црквата, своето овластување го добива од Христа кој е воплотената Реч од Светото писмо коешто е пишана Реч. Црквата е Божје семејство. Нејзините верници, посвоени од него, живеат живот втемелен на Новиот завет. Црквата е Христово тело, заедница на верата чијашто глава е Христос. Црквата е невеста за која Христос умрел за да ја посвети и очисти. При своето славно, победоносно доаѓање, Тој пред себе ќе постави славна Црква - верните од сите векови, откупени со неговата крв, без дамки ниту брчки, свети и беспрекорни. (1.Мојсеева 12,3; Дела 7,38; Ефесјаните 4,11-15; 3,8-11; Матеј 28,19.20; 16,13-20; 18,18; Ефесјаните 2,19-22; 1,22.23; 5,23-27; Колошаните 1,17.18)

 

13. Остатокот и неговата мисија

Универзалната Црква ја сочинуваат сите кои вистински веруваат во Христа, но во последните денови, кога владее широко распространет отпад, повикан е да излезе од неа остаток кој ги држи Божјите заповеди и има Исусова вера. Овој остаток го објавува настапувањето на денот на небесниот суд, проповеда спасение во Христа и го огласува приближувањето на неговото второ доаѓање. Оваа вест симболички е претставена со тројца ангели од Откровението 14. глава; тоа се совпаѓа со активностите на небесниот суд, придружувани на Земјата со покајание и реформа. Секој верник е повикан лично да учествува во ова сведочење по цел свет. (Откровение 12,17; 14,6-12; 18,1-4; 2.Коринќаните 5,10; Јуда 3.14; 1.Петрово 1,16-19; 2.Петрово 3,10-14; Откровение 21,1-14)

 

14. Единството на Христовото тело

Црквата е едно тело со многу членови повикани од секој народ, племе, јазик и колено. Во Христа ние сме нови созданија; некогашните разлики во расите, културата, образованието и националноста, некогашните поделби на ниски и високи, на богати и сиромашни, на мажи и жени, не смеат повеќе да не делат. Сега ние сме сите еднакви во Христа кој не поврзал со еден Дух во заедница со себе и меѓусебно, во заедница во која сите треба да си служиме едни на други без пристрасност и притеснување. Откако сме го откриле Исуса Христа во Писмото, ние делиме иста вера и надеж и се трудиме тоа да им го пренесеме на сите. Оваа заедница свој извор има во единството на триединствениот Бог кој не прифатил како свои деца. (Римјаните 12,4.5; 1.Коринќаните 12,12-14; Матеј 28,19.20; Псалм 133,1; 2.Коринќаните 5,16.17; Дела 17,26.27; Галатите 3,27.29; Колошаните 3,10-15; Ефесјаните 4,14-16; 4,1-6; Јован 17,20-23)

 

15. Крштевањето

Со крштевањето ние ја исповедаме нашата вера во смртта и воскресението на Исуса Христа, докажуваме дека сме умреле за гревот и дека живееме нов живот. Со тоа го признаваме Христа како Господ и Спасител, стануваме припадници на неговиот народ, членови на неговата Црква. Крштевањето е симбол на нашето единство со Христа, симбол на проштавањето на нашите гревови и доказ дека го примаме Светиот Дух. Крштевањето се врши со нуркање во вода врз основа на цврста вера во Исуса и доказ за покајание за гревовите. На крштевањето му претходи темелно проучување и прифаќање на вистините на Светото писмо. (Римјаните 6,1-6; Колошаните 2,12.13; Дела 16,30-33; 22,16; 2,38; Матеј 28,19.20)

 

16. Господовата вечера

При Господовата вечера ние учествуваме во симболите на Исусовото тело и крв, што е израз на нашата вера во него како наш Господ и Спасител. Во таа заедница на вечерата Христос се сретнува со својот народ и го засилува. Учествувајќи во Господовата вечера, ние радосно ја објавуваме Господовата смрт се додека Тој пак не дојде. За време на подготовката за вечерата ние се испитуваме себеси, се каеме и ги признаваме нашите гревови. Учителот воспоставил и служба на миење на нозете како симбол на чистењето и подготвеноста да си служиме едни на други со Христова понизност, обединувајќи ги нашите срца во љубовта. Во Господовата вечера можат да учествуваат сите кои веруваат во Христа. (1.Коринќаните 10,16.17; 11,23-30; Матеј 26,17-30; Откровение 3,20; Јован 6,48-63; 13,1-17)

 

17. Духовни дарови и служби

На сите верници на својата Црква, во сите времиња, Бог им подарува духовни дарови што секој верник треба да ги употреби во службата на љубовта за општо добро на Црквата и човештвото. Светиот Дух на секој верник му дава дарови според своја волја. Со овие дарови Тој ја оспособува Црквата со сите служби што и се неопходни да ги исполни сите задачи што ги поставил Бог пред неа. Во Светото писмо овие дарови вклучуваат многу служби: вера, исцелување, пророштво, објавување на евангелието, поучување, управување, помирување, сожалување, милосрдие, самопрегорна служба на помагање и храбрење на ближните. Некои верници Бог ги повикува и со Духот ги оспособува за должности кои Црквата ги признава како пастирска, евангелска, апостолска и учителска служба неопходна верниците да се оспособат за служење, Црквата да постигне духовна зрелост и единство во верата и во познавањето на Господа. Кога верниците ги користат овие духовни дарови како предани повереници на изобилната Божја милост, Црквата е заштитена од разорното влијание на лажните учења и расте и се изградува во верата и љубовта според Божјата волја. (Римјаните 12,4-8; 1.Коринќаните 12,9-11.27.28; Ефесјаните 4,8.11-16; Дела 6,1-7; 1.Тимотеј 3,1-13; 1.Петрово 4,10.11)

 

18. Дарот на пророштвото

Дарот на пророштвото е еден од даровите на Светиот Дух. Тоа е знак според кој се препознава Црквата на остатокот, а истиот се открил во службата на Елена Г. Вајт. Како Господов весник, нејзините списи се постојан и авторитативен извор на вистината која Црквата ја теши, ја води, ја поучува и ја укорува. Тие списи нагласуваат дека Библијата е мерило на кое мора да се мерат и проценуваат сите учења и искуства. (Јоил 2,28.29; Дела 2,14-21; Евреите 1,1-3; Откровение 12,17; 19,10)

 

19. Божјиот закон

Големите начела на Божјиот закон се изнесени во Десетте Божји заповеди и потврдени во Христовиот живот. Тие ја изразуваат Божјата љубов, Неговата волја и Неговите намери во врска со човечкото однесување и се задолжителни за сите луѓе во сите времиња. Тие правила се темел на Божјиот завет со Неговиот народ и претставуваат мерило на Божјиот суд. Со помош на Светиот Дух, тие ни укажуваат на гревот и кај нас будат свест дека ни е потребен Спасител. Спасението е апсолутен плод на благодатта, а не на делата, но послушноста кон Божјите заповеди е плод на спасението. Таа послушност кај нас изградува христијански карактер и носи чувство на среќа, и е доказ за нашата љубов кон Господа и за нашата грижа за нашите ближни. Послушноста што потекнува од верата ја покажува Христовата моќ да го преобрази животот и, сообразно со тоа, го засилува христијанското сведочење. (2.Мојсеева 20,1-17; Псалм 40,7.8; Матеј 22,36-40; 5.Мојсеева 28,1-14; Матеј 5,17-20; Евреите 8,8-10; Јован 15,7-10; Ефесјаните 2,8-10; 1.Јованово 5,3; Римјаните 8,3.4; Псалм 19,7-14)

 

20. Саботата - ден за одмор

Откако го завршил создавањето за шест дена, добриот Творец се одморил во седмиот ден и саботата ја воспоставил како ден за одмор за сите луѓе. Таа е споменик на создавањето. Четвртата заповед од Божјиот непроменлив закон бара празнување на тој седми ден - на саботата - како ден за одмор, за обожавање и служба, сообразно со Исусовото учење и со неговите дела, зашто Тој е господар на саботата. Саботата е ден на прекрасна заедница со Бога и со ближните. Таа е симбол на нашето спасение во Христа, знак на нашето посветување и на нашата верност и претвкус на нашата вечна иднина во Божјето царство. Саботата е вечен знак на вечниот Божји завет меѓу него и неговиот народ. Радосното почитување на тоа свето време од вечер до вечер, од зајдисонце до зајдисонце, всушност е прослава на Божјето творечко и откупителско дело. (1.Мојсеева 2,1-3; 2.Мојсеева 20,8-11; Лука 4,16; Исаија 56,5.6; 58,13.14; Матеј 12,1-12; 2.Мојсеева 31,13-17; Езекил 20,12.20; 5.Мојсеева 5,12-15; Евреите 4,1-11; 3.Мојсеева 23,32; Марко 1,32)

 

21. Повереничка служба

Ние сме Божји повереници. Бог ни доверил време и можности, способности и имот, како и многубројни земни благослови, и одговорни сме пред него со нив правилно да се служиме. Ние го признаваме Божјето право на сопственост кога верно и предано му служиме нему и на нашите ближни, кога му го враќаме на Бога десеттиот дел од нашиот приход, кога даваме прилози за проповедање на неговото евангелие и кога ја поддржуваме неговата Црква. Повереничката служба е предност што ни ја дава Бог за да растеме во љубовта и да ги победиме себичноста и лакомството. Повереникот им се радува на благословите што ги добиваат другите поради неговата верност. (1.Мојсеева 1,26-28; 2,15; 1.Дневникот 29,14; Агеј 1,3-11; Малахија 3,8-12; 1.Коринќаните 9,9-14; Матеј 23,23; 2.Коринќаните 8,1-15; Римјаните 15,26.27)

 

22. Христијанското однесување

Ние сме повикани да бидеме побожен народ кој мисли, чувствува и работи сообразно со небесните начела. За да може Духот повторно да го изгради во нас карактерот на нашиот Господ, ние го прифаќаме само она што во нашиот живот создава чистота слична на Христовата чистота, здравје и радост. Од тие причини, нашата забава и разонода мора да одговараат на највисоките мерила на христијанскиот вкус и убавина. Додека ги признаваме културните разлики, нашата облека мора да биде едноставна, скромна и вкусна, како што им прилега на оние чијашто вистинска убавина не се состои од надворешно украсување, туку од ненадминливиот накит на љубезниот и тивок дух. Исто така ние мораме разумно да се грижиме за нашето тело, бидејќи тоа е храм на Светиот Дух. Заедно со одбрани вежби и одмор, ние треба да прифатиме и најздрава можна исхрана и да се откажеме од секоја храна која Библијата ја нарекува нечиста. Бидејќи сите алкохолни пијалоци, тутунот и секоја неодговорна употреба на дроги и наркотици штетно влијае врз нашето здравје, и нив треба да ги отфрлиме. Треба да се занимаваме со она што нашите мисли и тело ќе ги издигне и ќе ги сообрази со Христовата волја, зашто Христос сака да бидеме здрави, радосни и среќни. (Римјаните 12,1.2; 1.Јованово 2,6; Ефесјаните 5,1-21; Филипјаните 4,8; 2.Коринќаните 10,5; 6,14-7,1; 1.Петрово 3,1-4; 1.Коринќаните 6,19.20; 10,31; 3.Мојсеева 11,1-47; 3.Јованово 2)

 

23. Бракот и семејството

Бог бракот го воспоставил во Едем, а Исус го потврдил како доживотна заедница меѓу мажот и жената поврзани со силна врска на љубов. За еден христијанин брачната преданост во иста мера му припаѓа на Бога колку и на брачниот другар, а во брачна заедница треба да стапуваат само партнери припадници на иста вера. Во бракот владее заемна љубов, уважение, почитување и одговорност како извор кој ја одразува љубовта, светоста, блискоста и трајноста на односот што постои меѓу Христа и неговата Црква. Зборувајќи за разводот, Христос кажува дека секој што ќе се разведе од својот брачен другар, освен поради прељуба, па стапи во брак со друг брачен другар, врши прељуба. Иако некои односи во семејството можеби не одговараат на идеалот, брачните другари, кои наполно ќе се предадат еден на друг во Христа, водени од Светиот Дух и со помош на Црквата, ќе можат да изградат цврста заедница на љубов. Бог го благословува семејството и сака неговите членови да се помагаат едни со други за да напредуваат. Родителите треба да ги воспитуваат своите деца да го љубат и да го слушаат Господа. Со пример и со зборови треба да ги учат дека Христос е учител полн со љубов, нежен и грижлив, кој сака и тие да станат членови на неговото тело, на Божјето семејство. Јакнењето на семејните врски е една од ознаките на последната евангелска вест. (1.Мојсеева 2,18-25; Матеј 19,3-9; Јован 2,1-11; 2.Коринќаните 6,14; Ефесјаните 5,21-33; Матеј 5,31.32; Марко 10,11.12; Лука 16,18; 1.Коринќаните 7,10.11; 2.Мојсеева 20,12; Ефесјаните 6,1-4; 5.Мојсеева 6,5-9; Мудри изреки 22,6; Малахија 4,5.6)

 

24. Христовата служба во небесното Светилиште

На небото постои Светилиште, вистинска Скинија што ја подигнал Господ, а не човек. Во тоа Светилиште Христос служи за нас, овозможувајќи му на секој верник да ја ужива благодатта на неговата жртва помирница што ја принесол на крстот еднаш за сите. Тој е наш првосвештеник кој ја почнал својата посредничка служба за нас во небесното Светилиште кога, по своето воскресение, се вознел на небото. Во 1844 година, при крајот од пророчкиот период од 2300 денови и ноќи, Христос ја почнал втората и последна фаза од својата служба на помирување. Станува збор за небесниот истражен суд, дел од конечното уништување на гревот, сликовито прикажан со чистењето на некогашното еврејско Светилиште на Денот на чистењето. Со таа симболичка служба земното Светилиште се чистело со крв на жртвувани животни, но небесното се чисти со совршената жртва на Исусовата крв. Истражниот суд им открива на небесните жители кој меѓу мртвите заспал во Христа и кој е во Христа достоен да учествува во првото воскресение. Тој исто така покажува кој меѓу живите “живее во Христа”, ги држи Божјите заповеди и има вера Исусова, и во него е подготвен за премин во неговото вечно царство. Овој суд потврдува дека Бог е праведен кога ги спасува оние што веруваат во Исуса. Тој објавува дека оние кои му останале верни на Бога ќе примат царство. Завршувањето на оваа Христова служба ќе го означи крајот на времето на милоста пред второто Христово доаѓање. (Евреите 8,1-5; 4,14-16; 9,11-28; 10,19-22; 1,3; 2,16.17; Даниел 7,9-27; 8,13.14; 9,24-27; 4.Мојсеева 14,34; Езекил 4,6; 3.Мојсеева 16; Откровение 14,6.7; 20,12; 14,12; 22,12)

 

25. Второто Христово доаѓање

Второто Христово доаѓање е блажена надеж на Црквата, величествен врв на евангелието. Доаѓањето на Спасителот ќе биде вистинско, лично и видливо на цел свет. Кога Христос ќе се врати, праведните мртви ќе воскреснат и заедно со живите праведни ќе бидат прославени и земени на небо, додека неправедниците ќе изумрат. Целосното исполнување на најголемиот дел на сите пророштва, заедно со сегашната состојба во светот, покажуваат дека Христовото доаѓање е близу. Точното време на тој настан не ни е откриено и затоа ни е упатен повик да бидеме готови во секое време. (Тит 2,13; Евреите 9,28; Јован 14,1-3; Дела 1,9-11; Матеј 24,14; Откровение 1,7; Матеј 24,43.44; 1.Солуњаните 4,13-18; 1.Коринќаните 15,51-54; 2.Солуњаните 1,7-10; 2,8; Откровение 14,14-20; 19,11-21; Матеј 24; Марко 13; Лука 21; 2.Тимотеј 3,1-5; 1.Солуњаните 5,1-6)

 

26. Смртта и воскресението

Смртта е плата за гревот. Само Бог е бесмртен, и Тој ќе им даде вечен живот на оние што ги откупил. Се до тој ден, смртта е состојба на бесвесност за сите луѓе. Кога ќе се појави Христос, кој е наш живот, воскреснатите праведници, и живите праведници, ќе бидат прославени и вознесени на небото да се сретнат со својот Господ. Второто воскресение, воскресението на грешниците, ќе се случи илјада години подоцна. (Римјаните 6,23; 1.Тимотеј 6,15.16; Проповедник 9,5.6; Псалм 146,3.4; Јован 11,11-14; Колошаните 3,4; 1.Коринќаните 15,51-54; 1.Солуњаните 4,13-17; Јован 5,28.29; Откровение 20,1-10)

 

27. Милениумот и крајот на гревот

Милениум е илјадагодишно Христово владеење со своите свети на небото меѓу првото и второто воскресение. Во текот на тој период ќе им биде судено на умрените грешници, а Земјата ќе биде наполно пуста, без живи човечки жители; на неа ќе престојува само сатаната со своите ангели. При крајот од милениумот Христос со своите свети и со светиот Град ќе слезе од небото на Земјата. Тогаш ќе воскреснат мртвите грешни кои, на чело со сатаната и со неговите ангели ќе го опкружат светиот Град; но ќе ги уништи оган од Бога кој ќе ја исчисти Земјата. Така вселената засекогаш ќе биде ослободена од гревот и грешниците. (Откровение 20; 1.Коринќаните 6,2.3; Еремија 4,23-26; Откровение 21,1-5; Малахија 4,1; Езекил 28,18.19)

 

28. Новата земја

На новата земја, на која живее праведност, Бог ќе обезбеди вечен дом за спасените и совршена животна средина за вечен живот, за љубов, радост и учење во негово присуство. Таму сам Бог ќе живее со својот народ, а страдањата и смртта ќе исчезнат. Големата борба ќе биде завршена и грев нема да има веќе. Се што постои, и живо и неживо, ќе објавува дека Бог е љубов, и Тој ќе владее вечно. Амин. (2.Петрово 3,13; Исаија 35; 65,17-25; Матеј 5,5; Откровение 21,1-7; 22,1-5; 11,15)

 

Ви препорачуваме


Основните вистини на Светото писмо
Основите на Библијата прикажани низ 33 лекции, пригодно подготвени за почетно проучување...

повеќе


Делата на апостолите
Животот и доживувањата на Исусовите апостоли на самиот почеток на христијанската ера...
повеќе


Христовите параболи
... во нив непознатото е насликано со познатото, божествените вистини со земни поими познати за луѓето...
 
повеќе

 

Адвентистите во Светот Адвентистите во Македонија Верувања Литература Здрав живот Детско катче Најчести прашања Контакти
Почетна страна | Врати се на почетокот од оваа страна | Препорачај ја странава на пријател

Дизајн на сајтот и подготовка на дел од текстовите: Лазар Томовски. Веб дизајн и веб програмирање: Тони Матев
Лектура и подготовка на дел од текстовите: Никола Тасевски. Коректура: Драган Лазески.
Соработка: Михајло Гурев, Никола Христовски. Одговара: Томе Трајков