Адвентистите се луѓе од најразлични профили и професии: лекари, работници, правници, уметници, професори, фотографи, дизајнери, земјоделци... Сите тие се трудат да бидат чесни во својата работа, со својот живот да го следат примерот кој им го оставил Исус - не само со збор, туку и на дело да се биде христијанин.

Многу карактеристично за нив во деловниот живот е тоа што не работат во сабота, освен, се разбира, оние професии кои се директно поврзани со зачувување на човечки животи.
Со заоѓањето на сонцето во петок (според библиското сметање на денот - од зајдисонце до зајдисонце) се завршува работниот дел од седмицата и отпочнува седмичниот одмор, денот посветен на Бога - сабота. Побожноста е за секој ден и домен од животот, но саботата е посебна, одвоена - благословена! (1 Мојсеева 2,2-3; 2 Мојсеева 20,8-11)

Тоа е ден кога тие се со семејството, ден кога се оди во црква, ден кога човек треба да подзастане и да се потсети кој е, од каде доаѓа и каде оди. Да се потсети дека материјалното, видливото, не е се во животот. Тоа е ден кога човек треба да си ја обнови одлуката за верност кон Оној кој се жртвуваше за човештвото и кој наскоро ќе дојде „да му даде на секого според делата негови“. (Откровение 22,12)

 

Богослужби
Адвентистите се собираат на заеднички богослужби неколку пати во седмицата. Централната богослужба е во сабота претпладне (во Македонија вообичаено со почеток во 9,00 часот).
Целините од кои е составена богослужбата се исти како и кај првите христијани:


 

 

Христијански песни
Песната, како израз на обожавање, завзема значјано место во богослужбите. Понекогаш во соло изведба, понекогаш хорски, но најчесто заеднички, кога сите присутни се здружуваат во славење на Бога со песна (Ефесјаните 5,19; Колосјаните 3,16).

 

 

 

 

Молитви
јавни - кога во името на сите присутни еден од верниците, на глас, му упатува молитва на Бога,

и лични - во своите мисли, за своите потреби, благодарности, молби кон Бога.

За време на своите молитви дома, но и на јавните собири в црква, адвентистите често при молитва клекнуваат на колена во знак на чест и воздигнување на Небесниот Бог како Цар над царевите, во знак на понизност пред Неговото величество, следејќи го со тоа примерот на првите христијани и мноштво побожни луѓе пред и по нив (Ефесјаните 1,16; Филибјаните 4,6; 1 Јовованово 5,14; Ефесјаните 3,14; Евреите 4,16).

Проучување на Библијата...
Адвентистите исклучително значење му придаваат на проучувањето на Библијата, бидејќи веруваат дека таа како Божји Збор е мерило за верата за секој човек. Од таа причина тие се држат до принципот дека секој, лично за себе, треба да ја проучи и запознае. На тој начин човекот лично ја запознава Божјата волја изразена на страниците на Библијата, а воедно се заштитува себеси од следење и живеење на христијанство кое е базирано на човечки мислења и авторитети, или пак не претставува ништо повеќе од народна традиција. (Матеј 4,1-10; Евреите 4,12; 1 Јованово 2,5; Исаија 8,20; 2 Петрово 1,19; Римјаните 10,17; 2 Тимотеја 3,16-17; Ефесјаните 6,17)

 

... и дома и во црква!
Адвентистите Библијата ја проучуваат и дома и во црква.
Првиот дел од саботното претпладневно богослужение, наречен „саботна школа“, е резервиран за проучување, повторување и утврдување на заедничкиот материјал кој, во текот на седмицата секој го проучувал дома. Тогаш, тие, во помали или поголеми групи (зависно од околностите) дискутираат, споделуваат мислења, прашања и дилеми, и на тој начин систематски ја запознаваат Библијата.

 

Во вториот дел од богослужбата проповедникот (свештеникот) или некој од верниците одредени за тоа, изнесува поуки, охрабрувања и совети срочени во говор базиран на Библијата кој се нарекува проповед.

 

 

 

 

 

Детски програми
Сите се радуваат кога најмладите, одвреме-навреме, во својата подготвена програма го прославуваат Бога со своите детски гласчиња. (повеќе во детското катче)

 

Христијански обреди

Крштевање
Според примерот на првите христијани и самиот Исус Христос, адвентистите се крштеваат возрасни и со целосно потопување во вода. Возрасни, затоа што човекот треба да биде свесен за верата што ја прифаќа и чинот да го посака доброволно. Исус рекол: „Одете и научете ги сите народи...“), а со целосно потопување во вода затоа што со тоа е претставена симболиката на умирање (закопување) на „стариот човек“ и раѓање на нов човек, нов начин и правец на животот. Зборот „баптизо“, кај нас е преведен и одомаќен како „крштевање“, всушност значи целосно потопување, нурнување (Јован 3,23).
Крштевањата, понекогаш, се обавуваат во за тоа приготвени базени (крстилници), а понекогаш во природа - на река, езеро, море...

Покрај тоа што Библијата јасно ни говори за ваквиот начин на крштевање, тоа ни го потврдуваат и археолошките локалитети од ранохристијанскиот период (кај нас во Стоби и Хераклеа). Крстилниците во црквите се со облик и димензии кои потврдуваат дека првите христијани се крштевале на истиот начин.

 

Посветување на дете
Согласно со библиските примери, адвентистичките родители ги носат своите деца во црква на посветување - барање на еден вид посебен благослов од Бога за заштита и помош во процесот на одгледување и воспитување на детето во христијански дух.

 

 

Венчавка
Еден од најрадосните моменти во животот на човекот, се разбира, е денот на вечавката. Тоа е заедница воспоставена од самоит Бог, забележана веднаш, на првите страници од Библијата. За време на венчавката во црква, проповедникот ги упатува младоженците на библиските принципи за среќен живот во брачна заедница и со молитва го повикува Божјиот благослов над новооформениот дом. (Матеј 19,5)

 

Света вечера (причест)
„Го раскрши лебот и рече: земете и јадете...“ Според Исусовиот налог (Матеј 26,26-29; 1 Кор. 11,23-26), адвентистите неколку пати во годината имаат обред на Свете вечера или причест. Во тие прилики преку бесквасниот леб и безалкохолното вино, кои ги симболизираат телото и крвта Христова - Неговата безгрешна жртва за човештвото, тие го обновуваат својот завет на верност кон својот Господ и Спасител.
На светата вечера и претходи обредот на понизност или миење на нозе, кога брат на брат и сетра на сестра, во знак на понизност, си ги мијат стапалата. Ова може некому да му биде необично бидејќи во многу христијански цркви ја нема таа пракса, но адвентистите тоа го прават според христовата заповед. (Јован 13,4-15)

 

Погреб
За адвентистите гробот не е „вечен дом“. Иако, како и сите луѓе, и тие со тага и солзи се разделуваат од своите мили и драги, адвентистите живеат во надеж и исчекување на денот на Второто Христово доаѓање. Тоа ќе биде ден на воскресението на праведниците, кога повторно ќе бидат заедно со оние од кои смртта ги разделила - заедно за никогаш повеќе да не се разделат!

Исус рекол: „Јас Сум Воскресението и Животот, кој верува во Мене и да умре пак ќе живее... Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јован 11,25; 6.40). Апостол Павле не советува: „Да не жалите како другите, кои немаат надеж...(1. Солунјаните 4,13).
Според јасната библиска вистина, адвентистите веруваат во воскресение од мртвите!

 

Дружења

izletИзлети
Излетите во природа се радост за сите. Повозрасните да се релаксираат од градската врева, помладите да изиграат некоја добра партија фудбал, да се проба добро приготвена храна според најновиот рецепт, да се запее покрај логорскиот оган и гитарата, а не знаеме - може некој и да се заљуби!
За децата и да не зборуваме: со својата милност сосема се вклопуваат во убавините на природата кои го разгалуваат човечкото срце.

Патувања, собори
Одвреме-навреме адвентистите организираат заеднички собори каде се среќаваат, како што велат тие, со своите браќа и сестри по вера. Зависно од обемот на соборот, средбите се на ниво на Македонија, Балканот, Европа па и на светско ниво.

 

 

 

Тие собири, понекогаш, поради бројноста на посетителите и кога времето тоа го дозволува, се организираат на отворено, под шатори.

 

 

 

... а од сето тоа човек огладнува!!!


Заеднички ручеци

Во црквените објекти, каде што има услови за тоа (двор или посебна просторија), адвентистите одвреме-навреме со задоволство организираат заеднички ручеци: секој ќе донесе по нешто од дома и - ете гозба!
Секој е добредојден и секому му е убаво. Истата храна дома не би била толку вкусна, а да не зборуваме дека тоа е прекрасна прилика да се биде заедно со пријателите, со браќата и сестрите по вера...

 

Спорт
Турнирите во фудбал се дел од спортските случувања. Понекогаш фудбалерите се враќаат со трофеј, а понекогаш не - најважно е спортувањето и новите познанства со адвентисти од други градови и држави.

 

Но, кога нема турнир, и некоја партија пинг-понг добро ќе дојде!



Споделување на верата

Она знаење што го стекнале преку проучување на Библијата и искуствата со Бога во секојдневниот живот, адвентистите го сметаат за богатство кое не смеат да го задржат само за себе. Според Христовиот налог: „Одете по целоит свет и направете ги сите народи мои ученици“, тие организираат најразлични активности и јавни манифестации да радосната вест за скорашното Христово доаѓање и можноста за вечен живот, да ја споделат со своите сограѓани. На некои од минатите проекти можете да се присетите од плакативе...


Практично христијанство

Во рамките на бројните активности на адвентистичката хуманитарна организација АДРА ширум светот, организирани се низа проекти и во Македонија...

 

 

 

Луѓе од „крв и месо“
Адвентистите не се сметаат себеси за заедница на безгрешни или совршени луѓе. И тие, како и сите други на оваа планета, имаат свои мани и недостатоци, свои проблеми и прашања. Но, адвентистите живеат со вера дека Бог се грижи за нив и се стремат со Негова помош да го постигнат библискиот идеал за христијански карактер. На тој начин тие се подготвуваат да го дочекаат спремни најславниот настан на Планетата - Второто христово доаѓање!

 

Ви препорачуваме

Современиот човек и Библијата
Една од најубавите книги од областа на теолошката литература, која темелно и зналечки ја обработува целокупната библиска наука...
 
повеќе


Утре почнува денеска
...темелот на иднината се поставува денеска, иднината својата рака ја подава денеска... утре навистина почнува денеска.
 
повеќе




 
Адвентистите во Светот Адвентистите во Македонија Верувања Литература Здрав живот Детско катче Најчести прашања Контакти
Почетна страна | Врати се на почетокот од оваа страна | Препорачај ја странава на пријател

Дизајн на сајтот и подготовка на дел од текстовите: Лазар Томовски. Веб дизајн и веб програмирање: Тони Матев
Лектура и подготовка на дел од текстовите: Никола Тасевски. Коректура: Драган Лазески. Одговара: Михајло Гурев