Повеќе за довербата во Бога

Господ е добар и милостив: “Благословувај го Господа, душо моја, и не заборавај ги неговите добротворства. Тој ги простува сите твои гревови и ги исцелува сите твои болести. Тој ти го спасува животот од распадливост, те овенчува со добрина и љубов... Жалостив и милостив е Господ, долготрпелив и многу милостив... Не постапува со нас според нашите гревови, ниту ни плаќа според нашите беззаконија. Зашто колку е небото високо над земјата, толку е голема неговата милост кон оние што се бојат од него. Колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечува од нас нашите беззаконија. Како таткото што ги милува своите синови, така Господ ги милува оние кои се бојат од него... зашто си спомнува дека сме прав” (Псалм 103,2-14).

Господ е наш лекар кој може да не исцели од секоја болест, и од оние болести пред кои медицината стои немоќна: “Ако го слушаш добро гласот на својот Господ Бог, вршејќи што е право во неговите очи, ако го насочуваш своето уво кон неговите заповеди, нема да пуштам на вас ниту една од оние болести што ги пуштив на Египќаните” (2. Мојсеева 15,26).

Нашиот Спасител, Исус Христос, ги исцелил сите болни кои со доверба доаѓале кај него и барале да ги исцели: “Лекувајќи секоја болест и секоја немоќ меѓу луѓето” (Матеј 4,23).

Меѓу многубројните болни што ги исцелил Исус, имаме случај на болна жена која 12 години крвавела. Таа слушнала за Исуса како милосно ги прифаќа сите болни и ги исцелува од сите нивни болести и кај неа се развила силна вера дека Тој може и неа да ја исцели, па собрала сили и дошла кај него со доверба во срцето: “И една жена, која страдаше од крвотечение дванаесет години, и претрпела многу од мнозина лекари и си го потрошила сиот свој имот, а од тоа немаше никаква полза, туку и стана уште полошо; откако чу за Исуса, дојде меѓу народот, одзади и се допре до неговата облека, зашто си велеше: Само ако се допрам до неговата облека, ќе се исцелам. И веднаш и прекрати крвотечението и таа почувствува во телото дека е излекувана од болеста... А Исус и рече: Ќерко, твојата вера те спаси! Оди си со мир и биди здрава од својата болест” (Марко 5,25-34). “Само ако се допрам до неговата облека”, си велела таа во своето срце, “ќе се исцелам”. Тоа е пример на силна вера и доверба во Исуса како наш лекар.

Исус со раширени раце не пречекува кога ќе решиме нему да му се довериме: “Дојдете кај мене сите изморени и обременети и јас ќе ви дадам одмор... и ќе најдете мир за своите души” (Матеј 11, 28.29).

И апостол Петар не повикува со доверба да ги пренесеме сите наши грижи на Господа: “Сите свои грижи оставете ги на него, зашто Тој се грижи за вас” (1. Петрово послание 5,7).

Почитувани, во ова наше последно, зајазлено време, кога на луѓето им се тресе и им бега и почвата под нозете, кога се зафатени и опфатени со тешка апатија, со неизвесност и бесперспективност, кога не гледаат и не се надеваат на никаква розова иднина и губат ориентација, Бог не повикува со целосна доверба да го прифатиме него како наш ориентир и ни ветува помош овде и прекрасна иднина, нов свет и живот вечен, каде што: “Бог ќе избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, зашто првото (поранешниот живот) помина” (Откровение 21,4).

Во довербата лежи сигурност кога ништо не е сигурно, радост и среќа кога радоста и среќата се нарушени и здравје кога здравјето е загрозено. Да, довербата во Бога е силна и делотворна. Бог не повикува таква доверба да имаме во него.

 

 

 

Твоето лично искуство

Живот без стрес
Извонредно корисна книга која ќе ви помогне да се справите...
 
повеќе


Исхраната и здравјето
Откријте ја улогата на исхраната во вашето здравје...
 
повеќе



 
Адвентистите во Светот Адвентистите во Македонија Верувања Литература Здрав живот Детско катче Најчести прашања Контакти
Почетна страна | Врати се на почетокот од оваа страна | Препорачај ја странава на пријател

Дизајн на сајтот и подготовка на дел од текстовите: Лазар Томовски. Веб дизајн и веб програмирање: Тони Матев
Лектура и подготовка на дел од текстовите: Никола Тасевски. Коректура: Драган Лазески. Одговара: Михајло Гурев